Врз основа на член 16, 18, 75, 104 од Законот за Здруженија и Фондации (Сл. Весник на РМ бр. 52/2010), Собранието на здружението “Музички и балетски педагози на седницата одржана на 14. 04. 2011 година го донесе следниот прочистен текст на:
СТАТУТ
на
Здружение на граѓани Музички и балетски педагози од Република Македонија
I Општи одредби
член 1
Со овој Статут Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија ги уредува: името и седиштето на здружението; целите и задачите, облиците и начинот на дејствување, органи, начин на нивниот избор и отповикување и нивниот меѓусебен однос; траење на мандатот на органите и начинот на одлучување; стекнување и располагање со имотот, остварување на јавност во работата; определување на услови за основање на ограноци (организациони единици); услови и начин на пристапување и исклучување од здружението; пристапување и застапување во правниот промет и спрема трети лица; престанок на здружението; начинот на донесување измени и дополнување на Статутот; постапување со имотот на здружението во случај на престанок со работа и други прашања утврдени со закон.
член 2
Називот на здружението е: Здружение на граѓани Музичките и балетски педагози од Република Македонија
Скратен назив на здружението е: “Музички и балетски педагози”
Главна дејност со која се занимава Здружението е 94.12 Дејност на струковни организации врз база на зачленување.
член 3
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија под име “Музички и балетски педагози” се организира од доброволно зачленети граѓани – музички и балетски педагози од Република Македонија
Целите и задачите на здружението се:
- да работи на негување, поттикнување, развивање и унапредување на музичката и балетска култура;
- да се грижи за стручното усовршување на своето членство;
- да воспоставува и одржува врски со слични организации во странство;
- да се зачленува во меѓународни културни организации;
- да помага, шири и развива музичко и балетско образование;
- да организира издавање на учебници, прирачници и помагала за музичката и балетска педагогија;
- да помага на особено талентираните ученици кои покажуваат извонредни резултати во музичкото образование, набавка на музички инструменти од странство под поволни услови;
- да организира и спроведува натпревари на ученици и студент по музика и балет.
член 4
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија е непрофитна организација.
Доколку во работењето се оствари добивка,таа мора да биде употребена исклучиво за подржување и остварување на целите и активностите утврдени со овој Статут.
член 5
Одредбите од овој Статут се задолжителни за сите членови на здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија
член 6
Одделни прашања што се утврдени со овој Статут може да се уредат поблиску со други акти(правилници, деловници и сл.) кои мораат да бидат во согласност со Статутот и Законот.
член 7
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија не може да врши политичка активност или да го користи својот имот и средства за остварување на цели на политички партии.
Како политичка активност се подразбира директно учество во изборната кампања или собирање средства и финансирање на политички партии.
II Правна положба на Здружението на музичките и балетски педагози
член 8
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија е регистрирано како Здружение на музички педагози на Народна Република Македонија со Решение на Државниот секретаријат за внатрешни работи на НР Македонија на 6. 12. 1957 под УП. Бр. 24930/57 и е пререгистрирано како Сојуз на здруженија на музичките педагози на Македонија со Решение на Градскиот секретаријат за внатрешни работи – Скопје од 7. 12. 1984 година под УП. Бр. 30 – 11351.
На Собранието на ден 3. 12. 1998 година Сојуз на здруженија на музичките педагози на Македонија се трансформира во Здружение на музички и балетски педагози од Република Македонија.
Здружението на музички и балетски педагози од Република Македонија е правно лице.
Здружението одговара за своите обврски со својот имот и средства и не може да врши стопанска дејност.
член 9
Седиштето Здружението на музичките и балетски педагози е во Скопје ул. „Питу Гули“ 1 Скопје.
член 10
Во своето работење Здружението употребува печат и штембил во пропишан облик.
Печатот е во облик на круг со пречник од 32 мм и со име Здружение на граѓани “Музички и балетски педагози”.
Штембилот е во правоаголен облик со ист текст како и печатот со тоа што се остава место за број и датум на предметот.
член 11
Со печатот и штембилот располага и го употребува само овластено лице.
член 12
Здружението на музичките и балетски педагози има жиро сметка
член 13
Работата на Здружението на музичките и балетски педагози е јавна.
III Членување, престанување, права и обврски
член 14
Член на здружението може да биде секој музички и балетски педагог од Република Македонија, кој доброволно ќе пристапи кон здружението и за тоа ќе потпише писмена изјава.
член 15
Зачленувањето се врши со пристапница која при исклучувањето или престанок задолжително се врака.
член 16
- Членувањето во Здружението на музичките и балетски педагози престанува:
- Со доброволно истапување на членот
- Поради не придржување и кршење на одредбите на овој Статут и одлуките на органите на музичките и балетски педагози, за што одлука донесува Собранието;
- Ако не ја плака редовно членарината
член 17
Барање за истапување се поднесува до Собранието на здружението
член 18
Членот е должен да ја уплати членарината за годината во која му престанува членството
член 19
Здружението на музичките и балетски педагози престанува:
- Ако е донесена одлука на Собрание на здружението со двотретинско мнозинство;
- ако бројот на членовите се намали со бројот определен за основање;
- ако Уставниот суд на Република Македонија донесе одлука дека програмата и Статутот на Здружението не се во согласност со Уставот;
- ако се утврди дека Здружението престанало со работа;
- во други случаи определени со закон.
член 20
Овластеното лице кое го застапува Здружението е должно за околностите од член 19 да го извести основниот суд во рок од 15 дена по нивното настанување.
Престанокот го утврдува основниот суд со решение според правилата на вонпроцесна постапка.
член 21
Здружението на музички и балетски педагози престанува и:
- ако работи спротивно на одредбите од член 6 од Статутот
- ако се користи за насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија
- ако се користи за поттикнување или повикување на воена агресија
- ако се користи за разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост
- ако работата на здружението не е во согласност со Статутот и Законот.
член 22
Членовите на Здружението имаат право:
- да учествуваат во работата на органите на здружението;
- да поднесуваат свои мислења и предлози по актуелната проблематика од областа на образованието и воспитанието;
- да бараат мислења, совет или помош за решавање на спорните прашања од дејноста.
член 23
Членовите на Здружението на музичките и балетски педагози должни се:
- да учествуваат во работата на Собранието и на други негови органи
- навреме да ги доставуваат бараните податоци, извештаи и материјали кои се потребни за извршување на задачите на Здружението.
- да се придржуваат на одредбите од овој Статут и другите акти и одлуки донесени од страна на Здружението.
член 24
За зачестеното не придржување кон должностите утврдени со овој Статут, може да се примени санкцијата престанок на членството.
IV Органи на управување на Здружението
член 25
Органи на здружението се:
- Собрание;
- Управен одбор;
- Надзорен одбор;
V Собрание
член 26
Собранието е највисок орган на здружението кое го сочинуваат сите членови на здружението.
член 27
Собранието донесува полноважни одлуки ако на седниците присуствуваат повеќе од половина членови на Здружението
Одлуките се донесуваат со мнозинство на гласови, повеќе од половина од присутните, но не помалку од една третина од вкупниот број членови.
член 28
Гласањето и одлучувањето на седниците на Собранието е јавно.
член 29
Седниците ги свикува и со нив раководи Застапникот на здружението.
Собранието може полноважно да работи доколку на седницата присуствуваат повеќе од половина од вкупниот број на членови.
Собранието одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови доколку со Статутот не е поинаку утврдено.
член 30
Собранието особено ги врши следните работи:
- ја усвојува Програмата за работа и ги определува основните програмски активности на здружението;
- донесува Статут и измени и дополнувања на истиот;
- донесува деловник за работа на здружението;
- усвојува извештај, насоки и план за работа;
- усвојува завршна сметка и финансиски план
- избира Застапник, и членови на управниот одбор
- одлучува за промени на целите на Здружението
- констатира прием на нови членови и престанок на членувањето;
- именува лица кои ќе ги водат стручните, административните, финансиските работи на Здружението;
- одлучува по поднесени барања и приговори од членовите на Здружението;
- ја утврдува членарината
- врши и други работи кои произлегуваат од Статутот и програмата на здружението, или се утврдени со Закон и други правни прописи.
член 31
Членот на Собранието на Здружението има право:
- да поднесува предлози на одлуки и други акти и да покренува прашања од делокругот на Собранието;
- да бара известувања од управниот одбор за извршување на одлуките и заклучоците на Собранието, да бара податоци што му се неопходни за неговата работа во органите и телата на Здружението
член 32
Собранието на Здружението избира Управен одбор од 13 члена.
член 33
Членовите на управниот одбор се избираат за период од 4 години со можност повторно да бидат избрани.
Застапникот на управниот одбор е и претседавач на Собранието на Здружението.
член 34
Седниците на управниот одбор ги свикува и со нив раководи Застапникот, а во негово отсуство заменикот.
Управниот одбор може да работи и да одлучува ако на сеницата присуствуваат повеќе од половина членови.
Одлуките се донесуваат со мнозинство на гласови од вкупниот број на членови на управниот одбор, односно ако за неа гласале повеќе од половина членови.
член 35
Управниот одбор на Здружението на музичките и балетски педагози ги врши следните работи:
- Ги подготвува седниците на Собранието;
- Го подготвува нацртот на Статутот и другите одлуки што треба да ги донесе Собранието
- Ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието;
- Управува и одговара за управувањето со имотот на Здружението;
- Подготвува годишен извештај за својата работа;
- Врши и други работи.
член 36
Заради остварување на контрола над работата на Здружението и нејзините органи се формира надзорен одбор кој ја следи работата и учествува во спречувањето на повредите на правата на членовите утврдени со овој Статут.
член 37
Надзорен одбор – врши контрола над спроведувањето на одредбите на овој Статут, одлуките и другите акти што ги донесува Собранието на Здружението и нејзините органи и тела, врши надзор над исправноста, правилноста на финансовото работење и укажува на неправилностите со кои се причинува материјална штета на Здружението и нејзините членки.
член 38
За својата работа и наоди, надзорниот одбор поднесува извештај до Собранието со предлози и мерки за отклонување на воочените недостатоци, неправилности и незаконитости во работењето.
член 39
Надзорниот одбор брои 3 члена што ги избира Собранието на Здружението од редот на своите членови.
Мандатот на членовите на надзорниот одбор трае 4 години.
За член на надзорниот одбор не може да биде избран член на управниот одбор.
V Застапување и претставување
член 40
Застапникот на управниот одбор на Здружението ги има следните права и обврски:
- да го претставува и застапува Здружението во правниот промет и спрема трети лица во јавноста;
- да го претставува Здружението пред надлежните државни органи со кои Здружението соработува;
- ги свикува и раководи со седниците на Собранието;
- се грижи и е одговорен за законитоста во работењето на Здружението;
- преку управниот одбор се грижи за извршување на одлуките на Собранието;
- одлучува за службени патувања;
- ги анализира резултатите од работата на Собранието и предлага мерки за отстранување на недостатоците во работењето;
- врши и други работи во согласност со Статутот и Законот.
VI Финансирање на Здружението
член 41
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија може да стекнува средства односно определени права на средствата и со истите да располага согласно со овој Статут и Законот
член 42
Здружението остварува средства:
- од уплата на членарина,
- прилози,
- подароци
- Буџет на РМ и локалните самоуправи
- и на друг начин согласно со Законот.
член 43
Стекнувањето, користењето и располагањето со средствата на Здружението се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми, утврдени со финансискиот план и врз основа на валидни документи.
Контролата над законитоста во стекнувањето, користењето и располагањето со средствата врши Управата за јавни приходи.
член 44
Во управувањето со средствата Собранието на Здружението и неговите органи преземаат мерки за правилно користење на средствата и спречување на незаконитостите и другите општествено негативни појави во користењето и располагањето со средствата.
член 45
Здружението донесува годишен финансиски план за приходите и расходите на Здружението. Финансискиот план ги содржи приходите како и расходите за општествената активност, трошоци за работа и други расходи сврзани со работата на Здружението. Финансискиот план може во секое време да се измени.
член 46
Кога Здружението ќе престане со работа средствата што остануваат по намирување на обврските, се враќаат на членовите на Здружението.
VII Известување и јавност во работата
член 47
Здружението на музичките и балетски педагози од Република Македонија презема потребни мерки за обезбедување јавност на својата работа, така што нејзините членови и пошироко да бидат потполно и благовремено информирани за работата и проблемите на Здружението со поднесување извештај за работата на органите и телата на Здружението, за материјално-финансиското работење и друго.
член 48
Органите на Здружението се грижат членовите да бидат секогаш благовремено известувани за нивната работа и да им се обезбеди увид на материјалите за нивното работење.
VIII Соработка
член 49
Здружението на музичките и балетски педагози обезбедува услови и развива активности со кои се овозможува соработка со институции и други слични асоцијации од Република Македонија и странство согласно уставот и Законот на РМ.
IX Преодни и завршни одредби
член 50
Одредбите од овој Статут ќе се применуваат како што се утврдени, а во случај на нејасности истите ги толкува Собранието на Здружението.
член 51
Постапка за измени и дополнување на овој Статут е иста како и за неговото донесување.
член 52
Овој Статут влегува во сила од денот на неговото донесување на ден 14.04.2011
14.04.2011 Застапник по Закон
Скопје Ѓорѓе Улишев