Врз основа на член 30 и во врска со член 3 од Статутот на Здружението на музички и балетски педагози од Република Северна Македонија под име Музички и балетски педагози (во понатамошниот текст Музички и балетски педагози), Собранието на ден 01.02.2020 год. донесе:

ПРАВИЛНИК

За организирање на општински, регионален и државен натпревар на ученици во основно музичко образование

1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 член 1

Натпреварите на ученици по музика на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст натпреварите) ги организира и остварува здружението Музички и балетски педагози, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Министерството за култура на РСМ, Музичките и балетски училишта на РСМ, Музичка младина, Македонската телевизија и други.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

член 2

Натпреварите се организираат како постојана и трајна манифестација во рамките на системот на стручното музичко и балетско образование Р.С. Македонија.

Цел на натпреварите е:

  • вреднување на нивоата на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците;
  • рангирање според постигањата на учениците;
  • откривање на талентирани ученици;
  • согледување на степенот на развој на стручното музичкото образование во Р. С. Македонија;
  • овозможување наградените ученици професионално да се ориентираат кон музичката уметност;
  • размена на педагошко искуство.

член 3

Натпреварите се одржуваат секоја година на општинско, регионално и државно ниво, согласно наставниот план за основно музичко образование.

3. ОРГАНИ НА НАТПРЕВАРИТЕ

член 4

Органи на натпреварите се:

  • Совет на натпреварот
  • Организационен одбор

член 5

Советот на натпреварите има свој претседател, односно претседателот на Музичките и балетски педагози и секретар. Во Советот на натпреварите членуваат наставници, претставници на сите организации кои учествуваат и соработуваат со музичките и балетски педагози во организирањето и остварувањето на натпреварите.

член 6

Организациониот одбор го избира Управниот одбор по предлог на Претседателот. Мандатот на Одборот трае една година и истекува со завршувањето на натпреварот.

член 7

Организациониот одбор ги има следните надлежности:

  • непосредно го организира натпреварот;
  • обезбедува финансиски средства;
  • обезбедува сместување на ученици, членови на жирито;
  • обезбедува сали за натпреварот;
  • го објавува натпреварот во јавните медиуми;
  • обезбедува телевизиско снимање на завршниот концерт на натпреварот;
  • и други работи за непречено одвивање на натпреварот.

4.  КОМИСИИ И ОЦЕНУВАЊЕ

член 8

Комисиите за сите дисциплини на натпреварот се составени од најмалку 3 члена.

Членовите на комисиите ги именува Управниот одбор на Музичките и балетски педагози од редот на истакнати наставници, репродуктивни уметници, хорски и оркестарски диригенти од Р.С. Македонија и странство.

По потреба Управниот одбор може да врши групирање на комисиите за дисциплините и тоа:

  • за гудачки дисциплини (виола, виолончело и контрабас);
  • за дрвени дувачки дисциплини (обоа, саксофон, фагот);
  • за метални дувачки дисциплини (хорна, тромбон);

Комисиите се избираат еден месец пред натпреварот.

член 9

Оценувањето на кандидатите го врши стручна комисија.

Членот на комисијата не го оценува кандидатот со кој е во роднинска или педагошка врска.

член 10

Бодирањето на секој член на комисијата се објавува на огласната табла, на веб страната www.mbp.org.mk и во билтенот на натпреварот.

Комисијата треба да ги објави резултатите од своето бодирање најдоцна следниот ден од денот на натпреварот.

Во солистичките дисциплини не е дозволено комисијата да дискутира за време на бодирањето.

член 11

На членовите на комисијата им се обезбедуваат патни и хотелски трошоци и се исплатува хонорар. Висината на хонорарот ја утврдува Управниот одбор пред натпреварот.

5. НАГРАДИ

член 12

Секој член на комисијата го оценува учесникот со бодови.

Бодирањето на учесниците на натпреварот може да овозможи и добивање на соодветни места и тоа:

  • прво место:    од 95 до 100 бода
  • второ место:  од 90 до 94,99 бода
  • трето место:   од 85 до 89,99 бода

член 13

На државниот натпревар можат да бидат доделени во секоја категорија од секоја дисциплина најмногу:

  • Едно прво место
  • Едно второ место
  • Едно трето место

Комисијата не е обврзана да додели прво, второ или трето место, доколку оцени дека кандидатите не ги задоволуваат критериумите.

Доколку два или повеќе учесници се оценети со ист број бодови на државниот натпревар, добитник на повисокото место е помладиот учесник.

Доколку два или повеќе учесници имаат бодови за исто место на државниот натпревар тогаш повисокото место го добива учесникот со највисоките бодови.

Бројот на наградите за прво, второ и трето место на општинско и регионално ниво е неограничен.

Незадоволниот учесник има право на приговор во рок од 90 мин. од објавувањето на резултатите.

член 14

На секој учесник на натпреварот може да му се додели уверение за учество.

На наградените учесници им се доделува диплома за освоеното место.

Наставниците чии ученици на државниот натпревар се добитници на прво, второ или трето место добиваат Диплома – пофалница.

6.  ОПШТИНСКИ НАТПРЕВАРИ

член 15

Општинските натпревари се одржуваат 15 дена пред регионалните натпревари во општините каде има училиште за основно музичко образование.

Општинските натпревари се одржуваат согласно истите пропозиции за возраст и програми како и регионалните и државните натпревари.

7.  РЕГИОНАЛНИ НАТПРЕВАРИ

 член 16

Регионалните натпревари се одржуваат 15 дена пред државните натпревари во следните регионални центри: Централен, Северен, Јужен, Источен и Западен.

На регионални натпревари учествуваат кандидати кои на општински натпревар освоиле прво и второ место.

Регионалните натпревари се одржуваат согласно истите пропозиции за возраст и програми како и државните натпревари.

 член 17

Трошоците за регионалните натпревари ги подмируваат самите учесници.

Комисиите за општинските и регионалните натпревари ги именува организаторот од редот на истакнати наставници вработени во училиштето во регионот.

 член 18

Пријавите за учество на општинските и регионалните натпревари се доставуваат до организаторот најдоцна 15 дена пред натпреварот. Во прилог на пријавите се доставува фотокопија од свидетелство за завршена година на учење и потврда за платена котизација.

8.  ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ДРЖАВЕН НАТПРЕВАР

 член 19

На државен натпревар учествуваат:

  • редовни ученици од основно музичко училиште, државјани на Република Северна Македонија,
  • кандидати кои на регионалниот натпревар добиле прво или второ место,
  • кандидати со платена котизација.

 член 20

Организаторот на регионалниот натпревар ги доставува пријавите до организациониот одбор на Државниот натпревар веднаш по завршувањето на регионалниот натпревар.

член 21

Организациониот одбор врши верификација на пристигнатите пријави за учество на државниот натпревар. Доколку кандидатот не ги исполнува условите предвидени со овој правилник, одборот писмено го известува кандидатот и организаторот на регионалниот натпревар.

9.  ПРОПОЗИЦИИ ЗА ВОЗРАСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ

член 22

Во сите дисциплини учесниците се натпреваруваат во категории според одделението кое го навршуваат во календарската година на натпреварот.

член 23

На учесниците им е дозволено да се натпреваруваат во повисоки одделенија.

10. ПРОПОЗИЦИИ ЗА ПРОГРАМАТА

член 24

Натпреварот се изведува во дисциплини одредени според пропишаните наставни предмети за основно музичко образование во наставните планови објавени од БРО на Р.С. Македонија: солфеж, теорија на музика, традициски инструменти, пијано, виолина, виола, виолончело, контрабас, класична гитара, пеење, флејта, обоа, кларинет, саксафон, фагот, труба, хорна, тромбон, хармоника, удирачки инструменти.

За дисциплините во кои учесниците се натпреваруваат со полагање на пишан тест, организаторот обезбедува тестот да биде на наставен јазик на кој учесниците ја следат редовната настава.

13. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

член 25

Организациониот одбор на натпреварот по завршување на натпреварот доставува извештај до училиштата за резултатите од сите нивоа, а за Државниот натпревар и до: комисијата за акредитација, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието односно Центарот за стручно образование и обука.

Извештајот ги содржи сите податоци согласно ПРАВИЛНИКОТ за организирање и изведување на натпревари.

член 26

Сите документи кои се однесуваат на натпреварот (потпишани и оверени) се чуваат во архивата на Музичките и балетски педагози.

член 27

Измени и дополнување на овој Правилник се врши на ист начин и постапка како и за негово донесување.

член 28

Овој правилник влегува во сила со денот на неговото донесување.

01.02.2020                                                                                                ПРЕТСЕДАТЕЛ

Скопје                                                                                                        Ѓорге Улишев