Врз основа на член 30 и во врска со член 3 од Статутот на Здружението на музички и балетски педагози од Република Северна Македонија под име Музички и балетски педагози (во понатамошниот текст Музички и балетски педагози), Собранието на ден 01.02.2022 год. донесе:

ПРАВИЛНИК

За организирање на општински, регионален и државен натпревар на ученици во основно музичко образование

1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 член 1

Натпреварите на ученици по музика на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст натпреварите) ги организира и остварува здружението Музички и балетски педагози, во соработка со Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Министерството за култура на РСМ, Музичките и балетски училишта на РСМ, Музичка младина, Македонската телевизија и други.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

член 2

Натпреварите се организираат како постојана и трајна манифестација во рамките на системот на стручното музичко и балетско образование Р.С. Македонија.

Цел на натпреварите е:

  • вреднување на нивоата на стекнатите знаења, умеења и вештини на учениците;
  • рангирање според постигањата на учениците;
  • откривање на талентирани ученици;
  • согледување на степенот на развој на стручното музичкото образование во Р. С. Македонија;
  • овозможување наградените ученици професионално да се ориентираат кон музичката уметност;
  • размена на педагошко искуство.

член 3

Натпреварите се одржуваат секоја година на општинско, регионално и државно ниво, согласно наставниот план за основно музичко образование.

3. ОРГАНИ НА НАТПРЕВАРИТЕ

член 4

Органи на натпреварите се:

  • Совет на натпреварот
  • Организационен одбор

член 5

Советот на натпреварите има свој претседател, односно претседателот на Музичките и балетски педагози и секретар. Во Советот на натпреварите членуваат наставници, претставници на сите организации кои учествуваат и соработуваат со музичките и балетски педагози во организирањето и остварувањето на натпреварите.

член 6

Организациониот одбор го избира Управниот одбор по предлог на Претседателот. Мандатот на Одборот трае една година и истекува со завршувањето на натпреварот.

член 7

Организациониот одбор ги има следните надлежности:

  • непосредно го организира натпреварот;
  • обезбедува финансиски средства;
  • обезбедува сместување на ученици, членови на жирито;
  • обезбедува сали за натпреварот;
  • го објавува натпреварот во јавните медиуми;
  • обезбедува телевизиско снимање на завршниот концерт на натпреварот;
  • и други работи за непречено одвивање на натпреварот.

4.  КОМИСИИ И ОЦЕНУВАЊЕ

член 8

Комисиите за сите дисциплини на натпреварот се составени од најмалку 3 члена.

Членовите на комисиите ги именува Управниот одбор на Музичките и балетски педагози од редот на истакнати наставници, репродуктивни уметници, хорски и оркестарски диригенти од Р.С. Македонија и странство.

По потреба Управниот одбор може да врши групирање на комисиите за дисциплините и тоа:

  • за гудачки дисциплини (виола, виолончело и контрабас);
  • за дрвени дувачки дисциплини (обоа, саксофон, фагот);
  • за метални дувачки дисциплини (хорна, тромбон);

Комисиите се избираат еден месец пред натпреварот.

член 9

Оценувањето на кандидатите го врши стручна комисија.

Членот на комисијата не го оценува кандидатот со кој е во роднинска или педагошка врска.

член 10

Бодирањето на секој член на комисијата се објавува на огласната табла, на веб страната www.mbp.org.mk и во билтенот на натпреварот.

Комисијата треба да ги објави резултатите од своето бодирање најдоцна следниот ден од денот на натпреварот.

Во солистичките дисциплини не е дозволено комисијата да дискутира за време на бодирањето.

член 11

На членовите на комисијата им се обезбедуваат патни и хотелски трошоци и се исплатува хонорар. Висината на хонорарот ја утврдува Управниот одбор пред натпреварот.

5. НАГРАДИ

член 12

Секој член на комисијата го оценува учесникот со бодови од 50 до 100.

Бодирањето на учесниците на натпреварот може да овозможи и добивање на соодветни награди и тоа:

  • Едно прво место со највисоки бодови
  • Две први награди
  • Три втори награди
  • Четири трети награди
  • Пофалница

За прво место и прва награда кандидатот треба да освои над 95 бода.
За втора награда кандидатот треба да освои над 90 бода.
За трета награда кандидатот треба да освои над 85 бода.
За пофалница кандидатот треба да освои над 80 бода.

член 13

Доколку два или повеќе учесници се оценети со ист број бодови, добитник на повисокото место е помладиот учесник.

Одлуката на комисијата е неотповиклива.

Добитниците на прва награда со највисоки бодови на државниот натпревар добиваат диплома за освоено прво место со кое може да се конкурира за парична награда од Министерството за образование.

Комисијата не е обврзана да додели прва, втора или трета награда, доколку оцени дека кандидатите не ги задоволуваат критериумите.

За да не се пречекори бројката на доделени награди, доколку два или повеќе кандидати се оценети со ист број бодови, добитник на наградата е помладиот учесник, (останатите се рангираат на пониско место).

Бројот на наградите за прва, втора и трета награда на општинско и регионално ниво е неограничен.

Незадоволниот учесник има право на приговор во рок од 90 мин. од објавувањето на резултатите.

член 14

На секој учесник на натпреварот може да му се додели уверение за учество.

На наградените учесници им се доделува диплома за освоеното место.

Наставниците чии ученици на државниот натпревар се добитници на прво, второ или трето место добиваат Диплома – пофалница.

6.  ОПШТИНСКИ НАТПРЕВАРИ

член 15

Општинските натпревари се одржуваат 15 дена пред регионалните натпревари во општините каде има училиште за основно музичко образование.

Општинските натпревари се одржуваат согласно истите пропозиции за возраст и програми како и регионалните и државните натпревари.

7.  РЕГИОНАЛНИ НАТПРЕВАРИ

 член 16

Регионалните натпревари се одржуваат 15 дена пред државните натпревари во следните регионални центри: Централен, Северен, Јужен, Источен и Западен.

На регионални натпревари учествуваат кандидати кои на општински натпревар освоиле прва и втора награда.

Регионалните натпревари се одржуваат согласно истите пропозиции за возраст и програми како и државните натпревари.

 член 17

Трошоците за регионалните натпревари ги подмируваат самите учесници.

Комисиите за општинските и регионалните натпревари ги именува организаторот од редот на истакнати наставници вработени во училиштето во регионот.

 член 18

Пријавите за учество на општинските и регионалните натпревари се доставуваат до организаторот најдоцна 15 дена пред натпреварот. Во прилог на пријавите се доставува фотокопија од свидетелство за завршена година на учење и потврда за платена котизација.

8.  ПРАВО НА УЧЕСТВО НА ДРЖАВЕН НАТПРЕВАР

 член 19

На државен натпревар учествуваат:

  • редовни ученици од основно музичко училиште, државјани на Република Северна Македонија,
  • кандидати кои на регионалниот натпревар добиле прва или втора награда,
  • кандидати со платена котизација.

 член 20

Организаторот на регионалниот натпревар ги доставува пријавите до организациониот одбор на Државниот натпревар веднаш по завршувањето на регионалниот натпревар.

член 21

Организациониот одбор врши верификација на пристигнатите пријави за учество на државниот натпревар. Доколку кандидатот не ги исполнува условите предвидени со овој правилник, одборот писмено го известува кандидатот и организаторот на регионалниот натпревар.

9.  ПРОПОЗИЦИИ ЗА ВОЗРАСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ

член 22

Во сите дисциплини учесниците се натпреваруваат во категории според одделението кое го навршуваат во календарската година на натпреварот.

член 23

На учесниците им е дозволено да се натпреваруваат во повисоки одделенија.

10. ПРОПОЗИЦИИ ЗА ПРОГРАМАТА

член 24

Натпреварот се изведува во дисциплини одредени според пропишаните наставни предмети за основно музичко образование во наставните планови објавени од БРО на Р.С. Македонија: солфеж, теорија на музика, традициски инструменти, пијано, виолина, виола, виолончело, контрабас, класична гитара, пеење, флејта, обоа, кларинет, саксафон, фагот, труба, хорна, тромбон, хармоника, удирачки инструменти.

За дисциплините во кои учесниците се натпреваруваат со полагање на пишан тест, организаторот обезбедува тестот да биде на наставен јазик на кој учесниците ја следат редовната настава.

13. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

член 25

Организациониот одбор на натпреварот по завршување на натпреварот доставува извештај до училиштата за резултатите од сите нивоа, а за Државниот натпревар и до: комисијата за акредитација, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието односно Центарот за стручно образование и обука.

Извештајот ги содржи сите податоци согласно ПРАВИЛНИКОТ за организирање и изведување на натпревари.

член 26

Сите документи кои се однесуваат на натпреварот (потпишани и оверени) се чуваат во архивата на Музичките и балетски педагози.

член 27

Измени и дополнување на овој Правилник се врши на ист начин и постапка како и за негово донесување.

член 28

Овој правилник влегува во сила со денот на неговото донесување.

01.05.2023                                                                                                ПРЕТСЕДАТЕЛ

Скопје                                                                                                        Ѓорге Улишев


2 Comments

Резултати од вториот ден од 61-ти Државен натпревар за ученици во основно музичко образование – МБП · May 19, 2022 at 9:25 pm

[…] Правила за доделување награди од ПРАВИЛНИК за организирање на општински, регионален и д…: […]

Comments are closed.